Свет

Во Белорусија е приведен поранешен претседателски кандидат

Во Белорусија е приведен поранешен претседателски кандидат

Опозициски политичар кој беше противник на долгогодишниот белоруски лидер Александар Лукашенко на претседателските избори во 2020 година е приведен, објави Ројтерс, повикувајќи се на изјава на неговиот тим.

41-годишниот активист и лидер на социјално движење спротивставени на Лукашенко, Андреј Димитриев, е приведен вчера во главниот град Минск, се вели во пораката објавена на неговата страница на Фејсбук. Во соопштението се додава дека се уште не е јасна причината за неговото приведување. Засега нема коментар од властите во Белорусија, јави БТА.

Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, тврди дека победил на изборите во 2020 година, нарушени со наводи за изборна измама и остра репресија врз опозицијата. Ова предизвика неколкунеделни масовни протести, за време на кои стотици илјади Белоруси излегоа на улиците и го повикаа Лукашенко да се повлече.

Според објавените официјални изборни резултати, Димитриев освоил 1,2 отсто од гласовите, со што се наоѓа на четвртото место.

Лукашенко, кој е близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, ги задуши протестите со насилство и оттогаш ја засили кампањата на репресија за да ја замолчи домашната политичка опозиција. Според проценките на групите за човекови права, во Белорусија има околу 1.500 политички затвореници како резултат на репресијата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни