Breaking Народна банка управува со Алта банка >>> Следете во живо
Македонија

Народната банка: Алта банка Битола не се затвора, администрацијата е привремена

Народната банка: Алта банка Битола не се затвора, администрацијата е привремена

„АЛТА банка“ АД Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа, соопшти Народната банка. Оттаму појаснуваат дека привремената администрација е заштитна мерка воведена поради случувањата поврзани со нејзиниот акционер „Алта банка“ АД Белград и има цел да ги заштити банката и штедачите до промена на сопственоста.

Според Народната банка, воведувањето администрација не значи затворање на банката, ниту активирање на исплатата на депозити преку Фондот за осигурување депозити. Средствата на клиентите остануваат на нивните сметки, но привремено е ограничен одливот за да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста.

За физичките лица е определен неделен лимит од 10.000 денари за одлив од сметките, кој може да се користи со картичките издадени од банката за подигање готовина и за плаќање кај трговци. Истовремено, плаќањата од сметките на физичките лица кон други физички и правни лица во рамките на Алта банка остануваат овозможени без ограничување на износот.

За правните лица, пак, дозволени се само внатрешни плаќања кон сметки на други фирми и граѓани во истата банка, исто така во неограничен износ. Фирмите нема да можат да префрлаат средства надвор од банката преку домашните платни системи, ниту да подигаат готовина од банкомати или од шалтери.

Приливите од странство преку СЕПА и кореспондентното банкарство ќе се одвиваат непречено. Одливните плаќања кон странство, меѓутоа, привремено нема да бидат достапни ниту за физичките ниту за правните лица.

Народната банка нагласува дека кредитокорисниците треба и натаму навремено да ги исполнуваат обврските кон банката. Во соопштението потсетува и дека штедните влогови на физичките лица се осигурени преку Фондот за осигурување депозити до 30.000 евра, согласно законските правила, но дека со воведувањето администрација не се активира овој механизам за исплата.

За време на привремената администрација, управувањето со имотот и работењето на банката го преземаат лица именувани од Народната банка. Според централната банка, Алта банка Битола е ликвидна, високо капитализирана, има солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува супервизорските стандарди.

Народната банка најавува дека ќе ја следи состојбата и ќе ги преиспитува ограничувањата во зависност од нејзиниот развој. За сите промени, како што наведува, јавноста ќе биде навремено информирана преку официјалните канали.

Воедно, ги повикува клиентите да не носат одлуки врз основа на непроверени информации, оценувајќи дека непотребното и масовно повлекување средства не е во интерес на штедачите.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни