Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска направи увид во почетните градежни активности за реконструкција на локалниот патен правец од селото Блатец до месноста Детлово во општина Виница.
![]()
Реконструкцијата се реализира преку проектот за рехабилитација на локалната патна мрежа во општините што го спроведува Министерството, а на локалниот пат во Виничко се работи на проширување на банкините, по што ќе се постави нов асфалтен слој во должина од околу четири километри и ширина од 3,5 метри, а ќе се замени и оштетената сообраќајна сигнализација.
– Општина Виница преку овој проект на располагање има околу 780 илјади евра, а за локалниот пат од Блатец до Детлово се наменети преку 300 илјади евра. Очекувам градежните активности да се одиваат во предвидениот рок, со планираното темпо и динамика. Локалната самоуправа ја реализира реконструкцијата со финансиска поддршка од Владата, а во наредниот период таа треба да аплицира и со други проекти за целосно да ги искористи средствата што ѝ се ставени на располагање, истакна министерот Бочварски.

Средствата за реконструкција на патниот правец Блатец – Детлово се обезбедени преку Меѓународната банка за обнова и развој, а рокот за комплетирање на градежните работи е четири месеци.
Министерот Бочварски нагласи дека иако е почеток на годината, сите капитални проекти продолжуваат со силна динамика, а буџетот на Министерството за оваа година е проектиран на 308 милиони евра за инфраструктурни проекти. Рехабилитацијата на локалната мрежа е меѓу најзначајните проекти и досега се опфатени околу 130 патни правци во над 60 општини.