Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе го посети Париз на 2 февруари за да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти вчера канцеларијата на Нетанјаху, цитирана од Франс прес.
Тоа ќе биде прва посета на израелскиот премиер на Франција по враќањето на власт.
Нетанјаху „ќе оствари официјална посета на Франција, каде ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон“, се вели во соопштението од кабинетот на премиерот.
Веста за претстојната посета на израелскиот лидер беше објавена во позадина на засилената тензија меѓу Израел и Палестинците во последните денови.
Израелските сили во четвртокот извршија операција во градот Џенин на Западниот Брег, при што загинаа неколку Палестинци. Потоа, од територијата на Појасот Газа на територијата на Израел беа истрелани ракети, кои беа пресретнати од израелскиот систем за воздушна одбрана „Железна купола“, а израелската армија изврши воздушни бомбардирања на Појасот Газа. Во петокот Палестинец уби седум Израелци во источен Ерусалим, а во саботата друг Палестинец рани двајца Израелци. Вчера палестинските власти објавија дека израелските сили убиле Палестинец во градот Хеброн на Западниот Брег.
Оваа серија на акти на насилство предизвика загриженост дека може да се развие посериозна конфронтација.
Францускиот претседател Макрон во неделата ги повика Израел и Палестинците да избегнуваат активности кои би можеле да доведат до ескалација на насилството, пренесува АФП.