Противпожарните екипи се постојано на терен и не можат да стигнат да ги изгаснат пожарите, а веќе нови се шират низ многу места во земјава. Покрај вчерашните кои дел се локализирани, а дел сè уште се гасат од денеска нови пожари има и низ штипско и струмичко.
„Сè уште е активен пожарот во атар на село Џидмирци и истиот се простира на самата граница помеѓу општините Петровец и Велес. Со пожарот е зафатена мешана шума на непристапен терен. Во тетовскиот регион во моментов има активен пожар на отворен простор во атар на село Мерово. Во битолскиот регион во моментов има активен пожар во село Кутретино, општина Демир Хисар зафатени се стрништа сува трева и меѓи на површина од 3 до 4 декари. Во штипскиот регион започнат е пожар на сува трева и смреки на место викано Истерник општина Делчево. Исто така во моментов сум известена дека пријавен е пожар над браната Водоча во струмичко а со пожарот е зафатена млада борова шума“, изјави Надица Вчкова – портпарол на Центарот за управување со кризи.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека пожари има уште од почетокот на овој месец и тоа на непристапни терени каде има изгорено стара густа шума. Директорот Аднан Џаферовски вели дека овој период од годината е невообичаен за толку многу пожари. Додава дека сите подрачни единици се во мобилна состојба и 24 часа ја следат состојбата на цела територија.
„Вчера и завчера имаше пожари на територија на Велес и вчера успешно е ставен под контрола пожарот и успеавме да го пресечеме да не влезе во густа стара шума. Не е едноставно да се запали шума која е стара 50 години. Ние лесно можеме да ја срачунаме материјалната загуба но верувајте дека големи се и долгорочни се последиците од целото наше општество и нашите идни поколенија еколошката катастрофа што долгорочно ќе ја чувствуваат нашите деца и идните поколенија е навистина страшно“, изјави Аднан Џаферовски – директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
И од Центарот за управување со кризи и од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека во најголем дел за ширењето на пожарите е човечкиот фактор, односно најчесто земјоделците кои се подготвуваат за пролетната сеидба ги палат нивите и потоа малку да дувне ветер огнот се проширува и тогаш се губи и контрола и огнената стихија зема замав. Апелираат до граѓаните да не палат на отворен простор, а до надлежните да преземат поголема контрола за да се спречат ваквите случаи.
НОВИНАР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА