Мртво бебе на околу осум-девет месеци, смрзнато и ставено во сад, скриен во куфер, доцна синоќа беше пронајдено во стан во центарот на Атина, а денешната обдукција покажа дека било убиено со најмалку десет убоди од нож во пределот на грбот, а целиот случај ја шокираше грчката јавност и поради тоа што во станот се наоѓало и 15-годишно бремено девојче.
Доцна синоќа по пријава до полицијата од сопственикот на станот дека оние кое го изнајмиле му должат пари, но и дека најверојатно користат дрога, полицајците извршиле проверка и целиот случај излезе на виделина.
Во станот биле шест лица: 43-годишен Грк, 38-годишна Германка (веројатно негова сопруга или партнерка), 26-годишен Авганистанец и три малолетни деца: 15-годишно бремено девојче и две момчиња на возраст од 9 и 12 години, а кога полицајците извршиле претрес на куферите, во замрзнат сад било откриено и мртвото бебе.
Според грчките медиуми, Германката рекла дека мртвото бебе е нејзино и починало пред неколку месеци, а Авганистанецот рекол дека е партнер на 15-годишното девојче.
Обдукцијата на мртвото бебе, покажа дека станува збор за убиство, односно дека во пределот на грбот било избодено со најмалку десет убоди со нож, но засега непознато е кога било убиено.
Тројцата возрасни беа уапсени и за поседување и употреба на дрога, а во тек е составувањето на предметот за сите извршени дела.
Децата, со одлука на јавен обвинител, биле пренесени во детска болница, каде што им се вршат прегледи, а и кај момчиња и кај девојчето неофицијално биле откриени сексуално преносливи болести.
Според претседателот на Грчката федерација на вработените во јавните болници Михаилис Јанакос, децата се во лоша состојба, а постојат индикации дека можеби биле сексуално злоставувани.
Истрагата за целиот случај е во тек и се очекува дополнително да се расчистат одредени аспекти, што засега остануваат непознати, како на пример кога точно било убиено бебето, дали е на Германката, како што самата изјавила, дали трите деца се на уапсените маж и жена, каде живееле претходно, пред да дојдат во конкретниот стан итн.
Станот што го изнајмувале е во атинската населба Кипсели, станува збор за Ер-Би-Ен-Би, а уапсените и децата престојувале нешто помалку од еден месец.