Македонија

Бугарското МНР бара отворање изборни места во Прилеп и Кавадарци за парламентарните избори во Бугарија во април, објави Нова Македонија.

Отворањето голем број бугарски клубови и здруженија во земјава, инсистирањето на заедничко чествување на сите поважни датуми од македонската историја, интервенциите во образованието, како и директниот надзор на официјална Софија врз преговарачкиот процес на земјава со ЕУ, недвосмислено упатуваат на само еден заклучок, дека на македонскиот народ уште еднаш му се повторува историјата, односно дека во 21 век е жртва на асимилација од соседна Бугарија.
Она што секому треба да му биде јасно, е тоа дека асимилацијата е долгорочна стратегија што нема да се случи денес или утре или, пак, за пет години, туку се работи за процес со кој ќе се индоктринираат новите генерации Македонци. Затоа е целата операција со интервенциите во образованието, со немањето учебници, за да излезат што повеќе осакатени генерации што многу полесно ќе се моделираат во согласност со трендовите што ги наложува источниот сосед. Во нивните учебници ќе биде исфрлен македонизмот, Народноослободителната војна (НОВ) ќе загуби секаква смисла бидејќи во согласност со бугарскиот концепт нема да се знае против кого се бореле македонските партизани за време на Втората светска војна, а од друга страна, ќе се турка идејата дека некој насила ја откорнал Македонија од прегратките на Бугарија и ја држел во заложништво речиси половина век во рамките на поранешната југословенска федерација.
Во таа насока е и инсистирањето на официјална Софија за внесување на Бугарите во македонскиот устав, со што од Пандорината кутија што Македонија веќе ја отвори со Преспанската спогодба, којзнае уште колку други работи ќе излезат што ќе ги побара Бугарија. А тие барања веќе таксативно се наведени во нивната декларација усвоена во бугарското народно собрание во 2019 година.
По државјанствата, клубовите, барањето за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, сега Бугарија се обидува да воспостави и изборна инфраструктура во земјава, која во никој случај не одговара на реалните потреби на гласачите што сакаат да гласаат на бугарските избори, туку е намерно предимензионирана за да се создаде впечаток дека во земјава има огромно бугарско малцинство.

Креирање лажна слика дека Македонија е Бугарија

Судејќи според бројките од минатите избори во 2021 година, на седум избирачки места во Македонија одвај гласале околу 650 луѓе, што е далеку од очекувањата на бугарските власти, кои оперираат со бројки од над 100 илјади Бугари во земјава.
Неодамнешната најава на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија дека ќе предложи да се отворат гласачки места во Кавадарци и Прилеп за предвремените парламентарни избори закажани за 2 април крие една многу посуптилна порака што официјална Софија сака да ја испрати, пред сè, до Европа, дека во земјава живеат огромен број Бугари што сакаат да одлучуваат за политичката иднина на Бугарија и токму затоа оваа земја инсистира на голема гласачка мрежа во Македонија, иако вистинскиот обем можат да го задоволат без никаков проблем и Амбасадата во Скопје, како и Конзулатот во Битола.
Австрија веќе ѝ испрати порака на Софија дека нема да дозволи на нејзина територија да се отвораат изборни места на кои бугарските државјани ќе можат да го остварат правото на глас на изборите на 2 април, јасно посочувајќи дека тоа ќе можат да го прават исклучиво во дипломатско-конзуларните претставништва, што е вообичаена практика.
Отворањето несразмерен број изборни места низ Македонија, покрај креирањето лажна перцепција за бројноста на Бугарите во земјава, има и друга цел, да се искористи евентуален изборен инцидент на денот на гласањето за повторно да се обвини Македонија за насилства и системска дискриминација врз Бугарите во земјава.

Читај повеќе на Нова Македонија

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни