Рударството и зелената транзиција не мора да бидат спротивставени цели, туку можат да бидат дел од ист развоен процес, произлегува од пораките на Стратегијата за минерални суровини 2026–2046.
Научниот соработник во МАНУ, Александар Дединец, на одбележувањето на Денот на рударите истакна дека Македонија треба да развива одржливо и научно засновано рударство, кое истовремено ќе ги користи природните ресурси и ќе ја зачувува животната средина.
„На Македонија и е потребно рударство кое нема да биде спротивставено на зелената транзиција, туку ќе биде еден од предусловите за нејзино остварување“, порача Дединец.
Тој посочи дека вистинското прашање не треба да биде дали сме „за или против рударството“, туку „какво рударство сакаме“.
Ваквиот пристап отвора простор за развој на проекти со современи технологии и високи еколошки стандарди, при што економските придобивки од минералните ресурси би се комбинирале со одговорност кон животната средина.
Во тој контекст, „Иловица-Штука“ може да биде еден од проектите преку кои ќе се тестира примената на принципите на одржливо рударство во Македонија.
„Имаме што да понудиме. Иако сме мала држава нашиот геолошки состав ни дава значаен и разновиден минерален потенцијал. Стратегијата ги препознава бакарот, среброто, златото, оловото, цинкот, никелот, хромот, манганот, но и значаен број на наметалични минерални суровини, како и јагленот и водата за пиење. Тоа е потенцијал кој не треба ниту да го преценуваме, но ниту да го игнорираме. Треба паметно да го истражиме, да знаеме со што располагаме“, нагласи научниот соработник во МАНУ, во име на тимот кој работел на текстот на Стратегијата.
Според него, Македонија има минерални суровини и долгогодишна рударска традиција, а зелениот раст без пристап до суровини за зелените технологии е недостижен.
„Не можеме да зборуваме за идниот економски развој без да зборуваме за енергија. Не можеме да зборуваме за иднина на енергетиката без да зборуваме за климатските промени, а се повеќе станува јасно дека не можеме да зборуваме за декарбонизација и зелена транзиција без да зборуваме за минералните суровини… За да изградиме нискојаглеродна економија ќе ни бидат потребни повеќе, а не помалку од одредени минерални суровини. Нема соларни електрани без минерални суровини, нема ветерни електрани без метали, нема електрични возила, батерии, мобилни телефони и современа електроника без суровини кои некаде треба да бидат истражени, ископани, преработени и ставени во функција. Токму затоа во Стратегијата е нагласено дека металите се предуслов за современите технологии…“, заклучи Дединец.
Инаку, според последните податоци, во 2025 година во Македонија биле произведени 130.174 тони бакарен, оловен и цинков концентрат, а рударството учествувало со 10,9 проценти во индустриското производство и со 2,8 проценти во вкупниот извоз на државата.