Македонија

ВМРО-ДПМНЕ – владината реконструкција е партиска смена на дресовите, СДСМ – ги потценувате граѓаните, не се забораваат заробената држава, грабежот и спомениците

ВМРО-ДПМНЕ – владината реконструкција е партиска смена на дресовите, СДСМ – ги потценувате граѓаните, не се забораваат заробената држава, грабежот и спомениците

Хакерскиот напад врз Фондот за здравство, дигитализацијата, еврообврзницата и меѓусебните прекупувања – „кој што направил додека бил на власт“, го земаа приматот на денешното продолжение на 104. собраниска седница во чиј фокус требаше да биде разрешувањето на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во текот на дискусијата неколку пати праша зошто се разрешува Алити, ја нарекоа владината реконструкција циркус, папазјанија, трагикомична претстава и партиска смена на дресовите, а потоа уште еднаш предложија да се распушти Собранието и да се оди на предвремени избори. Нивните колеги од СДСМ возвратија дека ВМРО-ДПМНЕ ги потценува граѓаните, ги блокира институциите, ја дестабилизира државата и со „јалови дискусии“ оневомзожува разрешување и именување министри, па, следствено и исплата на плати. „Не се забораваат“, потсетија пратениците на СДСМ, „заробената држава, грабежот и спомениците“.

– Државата ни е тотално хакирана, граѓаните имаат чувство дека не владее правото, туку дека владеат политичките елити на ДУИ и СДСМ, но едно е сигурно, дека оваа власт не чини премногу. Ваква Влада не може да решава проблеми зашто самата ги создава и самата е проблем, а решението се избори, рече Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нејзиниот сопартиец Владо Мисајловски, има скандали во здравството, се тргува со податоци на граѓаните, никој не одговара за тоа, а министрите се менуваат само поради партиски интереси.

– Ни овој владин состав нема да донесе реформи и напредок. Дали видовме нешто подобро со менувањето на министрите во претходниот приод? Дали со новиот министер нешто ќе се подобри? Дали гледате што се случува во здравството, дека е пред колапс? Дали се спроведе дигитализација во земјава? Не, а тоа беше едно од ветувањата на власта. Во земјава се тргува на големо со базите на податоци и никој не одговара за тоа, туку премиерот е заинтересиран за смена на министри и партиски дресови. Притоа, не го интересира што здравствените работници не земале плата и зошто некој тргува со податоци на граѓаните, истакна Мисајловски.

Реплицираше Жаклина Лазаревска од СДСМ, осврнувајќи се на она што го правеше ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт.

– Ги уништивте здравството, судството и институциите, ја партизиравте администрацијата, ги избркавте младите лекари, избркавте 600 000 претежно млади луѓе, го претворивте МВР во МВРО-ВМРО, прислушувавте над 20 000 граѓани, студентите ги тепавте по читални, ги заплашувавте и им се заканувавте на наставниците, а граѓаните ги искрадовте. Подобро и повеќе се грижевте за спомениците, отколку за живите луѓе, трошевте на чоколадо, а не на леб, создадовте нова историја базирана на митови, рече Лазаревска.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ неколку пати го обвинија премиерот Димитар Ковачевски дека на седницата слуша музика, наместо да обрне внимание што зборуваат тие, на што реагираше потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, кој посочи дека премиерот можеби нив ги слуша внимателно.

Собранието моментно е на редовна едночасовна пауза, а седницата треба да продолжи во 15 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни