Болницата во Тетово се обрати до персоналот на болницата со официјален допис со правилата за работа на социјалните мрежи. Во писмото потпишано од директорот Пелумб Вела стои „По несоодветните настани во врска со нашата болница, должен сум од денеска да ги составам овие правила кои се дел од нашата работа. Сите ние сме должни да ги почитуваме овие правила за да го зачуваме нашиот углед и угледот на болницата“, информира Телеграфи Македонија.
Во регулативата има правила како персоналот треба да се однесува на социјалните мрежи кога е во прашање нивната работа и објавување фотографии, видеа и содржини од работата во тетовската болница.
Во регулативата што ја има Телеграфи Македонија може да се видат и предлози од болницата за користење на социјалните мрежи.
„Не откривајте приватни информации и тајни на пациентите. Ова ја вклучува здравствената, физичката и емоционалната состојба на пациентите. Историјата на пациентот мора да остане професионална тајна помеѓу лекарот и пациентот. Прекршувањето на ова правило е казниво и со законите на Северна Македонија“, е првото правило.
За овој документ Телеграфи Македонија разговараше со директорот Вела и тој рече „Овој документ го испративме до сите колеги, персоналот на нашата болница. Лекарите, медицинските сестри и медицинските техничари веќе имаат инструкции како да постапат на социјалните мрежи“, рече Вела.
Инаку, Тетовската болница во текот на изминатата недела беше сред скандал. Анестезиологот вработен во оваа болница објави видео во живо на TikTok каде се гледаат жени кои се лекуваат во одделението, како дел од одделението за гинекологија.