Рускиот претседател Владимир Путин успеа да го протера водачот на платеничката формација Вагнер, Евгениј Пригожин, кој водеше краток бунт против Кремљ минатата недела, но судбината на неколку врвни генерали на руската армија, вклучувајќи ги Сергеј Суровикин и Валери Герасимов, сè уште е нејасна. пишува Асошиетед прес.
Има непотврдени информации дека е уапсен Суровикин, кој имал врски со Пригожин, а за одбележување е и фактот дека началникот на Генералштабот Валериј Герасимов мистериозно отсуствувал на неколку настани на кои присуствувале Путин и рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Непроѕирниот свет на политиката во Кремљ доведе, како што пишува АП, до интензивни шпекулации дека некои врвни воени офицери можеби се договориле со Пригожин и сега би можеле да се соочат со казна за бунт.
Тој бунт се состоеше од еднодневен марш кон Москва кој беше практично незапирлив, а кој Путин го нарече предавство и „бодење во грб“.
Шпекулациите се фокусираа на генералот Суровикин, кој долго време се поврзува со Пригожин и не е виден од почетокот на бунтот, кога објави видео во кое повикува да се стави крај на бунтот.
Руски воен блогер, „Москва тајмс“ и „Фајненшл тајмс“ објавија дека Суровикин, инаку командант на руските воздухопловни сили, е уапсен.
Алексеј Венедиктов, поранешен водител на сега веќе непостоечката независна радио станица Ехо на Москва, рече дека Суровикин и неговите блиски соработници не биле во контакт со семејствата три дена. Сепак, Венедиктов не кажа експлицитно дека Суровикин е приведен.
Друг познат воен канал за пораки, Раџбар, управуван од поранешен портпарол на руското Министерство за одбрана, објави дека во тек е чистка на војската и дека властите ги истражуваат наводите дека некои од војската застанале на страната на Пригожин.
Суровикин е поврзан со Пригожин откако и двајцата беа активни во Сирија, каде Русија е воено ангажирана од 2015 година за да ја поддржи владата на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Пред неговиот бунт, Пригожин упатуваше навреди кон Шојгу и началникот на рускиот генералштаб Валериј Герасимов, но постојано го фалеше Суровикин. Меѓутоа, кога почнале немирите, Суровикин направил видео во кое повикал да престанат немирите.
Оваа недела, Њујорк Тајмс објави дека американските безбедносни службеници веруваат дека Суровикин има однапред сознанија за бунтот, што портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го отфрли како „озборувања и шпекулации“.
Песков денеска одби да коментира дали Суровикин е уапсен.
На прашањето на АП дали претседателот Путин сè уште му верува на Суровикин, Песков одговори дека Путин работи со Шојгу и Герасимов. Тој рече дека прашања за Суровикин треба да се постават до Министерството за одбрана.
На прашањето дали Путин смета дека е неопходно да се отстранат воените функционери поврзани со Пригожин, Песков рече дека ова прашање не е негова привилегија и нема што да каже за тоа.
Ќелавиот Суровикин со жесток изглед, наречен „Генерал Армагедон“ од западните медиуми поради неговата брутална тактика во Сирија и Украина, е заслужен за зајакнувањето на одбраната на Русија откако Москва минатата есен се повлече од големи делови од Украина, откако Киев тргна во офанзива.
Есента Путин го назначи да ги води руските сили во Украина.
Суровикин го насочи бомбардирањето на украинските електрани и друга витална инфраструктура, но тоа не успеа да го оневозможи снабдувањето со електрична енергија на Украина.
Во јануари годинава Путин го замени со Герасимов, а Суровикин беше деградиран на функцијата негов заменик.
Нејасна е и судбината на Герасимов по неуспешниот бунт.
Додека Шојгу се појавуваше на неколку настани на кои присуствуваше Путин, Герасимов беше мистериозно отсутен.