Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, изрази жалење што ситуацијата на северот на Косово се уште е нестабилна, како што рече „кревка“, иако „има јасни чекори за успешна деескалација на тензиите. “.
Лајчак синоќа на Фејсбук, во својот преглед на неделата, напиша дека претходните два дена ги поминал во Брисел, каде неговиот тим разговарал со меѓународните партнери за следните чекори за решавање на кризата на северот на Косово.
„За жал, и покрај постоењето на јасни чекори за успешна деескалација на тензиите, ситуацијата останува кревка“, напиша Лајчак.
Тој беше задоволен што членовите на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент (AFET) покажаа интерес и го покани, заедно со генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (DG-NEAR) на Европската комисија, Герт Јан Купман, да разговараат за напорите за смирување на тензиите на северот на Косово.