Противпожарните и спасувачките екипи како и армијата во Грција се обидуваат да ги локализираат пожарите кои избувнаа на повеќе локации, во источна Атика, Капарела, Лутраки и Дервенохорија, пренесува Катимерини. Најтешка е ситуацијата во Дервенорија, каде непристапниот терен со засилен ветер и екстремните временски услови кои се очекуваат и денеска не дозволуваат ограничување на фронтот, бидејќи станува збор за густа шума која го поттикнува ширењето на пожарот, пишува грчкиот весник. .
Во крајбрежниот град Лутраки, западно од Атина, 1.200 деца се евакуирани додека пожарот се приближил до нивниот камп, јавува Би-Би-Си.
Полицијата уапси маж кој е осомничен дека предизвикал нов пожар во Куварас во Атика , југоисточно од грчката престолнина.
Пожарите дополнително ги разгорува силниот ветер, а стотици пожарникари се обидуваат да го спречат ширењето на пожарот.
Десетици луѓе мораа да ги напуштат своите домови во пошироката област со помош на екипи за итни случаи, а грчката влада соопшти дека оние чии домови беа зафатени од пожарите имаат право на сместување во локални хотели и подоцна ќе бидат обесштетени.
Пожариго загрозија сообраќајот во некои области, а полицијата беше принудена да затвори делови од националниот автопат Атина-Коринт. Обновени се и одредени линии на железничкиот сообраќај.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, кој во моментов е во Брисел на самитот, изјави дека земјата прави се што е можно да помогне.
– Денеска во суштина е првиот тежок ден од ова лето. Без сомнение ќе следи повеќе. Шумски пожари се случија и ќе се случуваат. Тоа е и еден од ефектите на климатската криза што сè посилно ја доживуваме- изјави Мицотакис.
Според прогнозите, силниот топлотен бран што го зафати регионот не покажува знаци на стивнување, а грчката метеоролошка служба предупреди дека ризикот од нови пожари останува висок.