Пожарите низ Грција полека стивнуваат откако уништија големи шуми и десетици домови во изминатите неколку дена, но температурите се уште растат, што предизвикува страв од нови пожари.
Пожарот западно од Атина, кој уништи некои куќи и предизвика евакуација на почетокот на оваа недела, ослабна, но противпожарните служби сè уште се борат да го стават под контрола.
Во наредните денови се очекува температурата да достигне 45 степени Целзиусови, поради што грчкото Министерство за култура објави дека сите археолошки локалитети, вклучително и Акропол, ќе бидат затворени од пладне до 17:30 часот до 23 јули, пренесува Ројтерс.
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека противпожарната служба ќе остане на подготвеност бидејќи „очигледно е дека тешките времиња сè уште не се завршени“.
– Се соочуваме со нов топлотен бран и можно засилување на ветровите. Затоа, потребна е апсолутна будност и подготвеност во следните неколку дена – рече Мицотакис.
Претходно беше објавено дека ситуацијата на грчкиот остров Родос е нешто подобра во однос на пожарот во кој се уште гори шумата на тешко достапни места.