Свет

Русија го затвори центарот за човекови права

Русија го затвори центарот за човекови права

Русија го затвори Центарот Сахаров, истакната организација за човекови права, во нов чекор во нејзината репресии против либералните организации кои го доведуваат во прашање официјалниот наратив на Кремљ, вклучително и руската агресија врз Украина.

Судот во Москва во петокот го одобри барањето на Министерството за правда за затворање на центарот, објави новинската агенција Интерфакс.

Московскиот општински суд соопшти дека одлучил да го ликвидира центарот на барање на Министерството за правда, а една од официјалните причини е што Центарот Сахаров незаконски организирал конференции, изложби и настани.

Откако е основан во 1996 година, Центарот Сахаров организираше стотици дебати, изложби и други настани, а во 2015 година илјадници луѓе се собраа таму да му оддадат почит на убиениот опозициски политичар Борис Немцов, кој беше убиен во близина на ѕидините на Кремљ.

Организацијата, именувана по физичарот, политички дисидент и нобеловец Андреј Сахаров (1921-1989), работи повеќе од 30 години на подобрување на руското граѓанско општество.

Претходно Москва ја нарече организацијата „странски агент“. На почетокот на годината ги запленила сите простории на таа организација.

Во тоа време, Центарот Сахаров го обвини Кремљ дека се обидува да ги уништи независните организации во земјата.

Андреј Сахаров беше клучен експерт во развојот на советската хидрогенска бомба, но подоцна стана познат по неговиот активизам за заштита на човековите права и слободата на совеста.

Нобеловата награда ја добил во 1975 година, но не смеел да оди во Норвешка за да ја прими. Во 1980 година бил испратен во егзил, кој траел шест години.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни