Breaking Битолчани од утрово чекаат пред експозитурите на „Алта банка“
Балкан

Двојно убиство во Косово: Пронајден починат 27-годишник и неговото тримесечно бебе – приведен таткото на починатиот

Двојно убиство во Косово: Пронајден починат 27-годишник и неговото тримесечно бебе – приведен таткото на починатиот

Трагедија во семејна куќа во Косово, каде што животот го загубиле 27-годишен маж и неговото тримесечно бебе. По пријавата за сомнителна смрт, полицијата започнала истрага, а како осомничен за двојното убиство е приведен 65-годишниот татко на починатиот маж, односно дедо на бебето.

Телата на Адонис Демири и неговото дете биле пронајдени вчера во семејна куќа во селото Демирај, во општина Гњилане.

Првичните информации што ги пренеле дел од медиумите упатувале на можност дека двајцата загинале при експлозија на направа што наводно ја активирал 27-годишникот. Сепак, понатамошните сознанија од истрагата ја отфрлиле оваа верзија, а случајот добил сосема поинаков правец – сомнение за насилна смрт.

Косовската полиција соопшти дека пријавата ја добила околу 8:47 часот. Веднаш биле испратени полициски екипи, државен обвинител и медицински тим од Итната помош. Лекарот на местото можел само да ја констатира смртта на двете лица.

По извршениот увид, полицијата го уапсила 65-годишниот Брахим Демири, татко на починатиот Адонис. Според првичните наоди на истражните органи, настанот се случил во рамките на семејството.

По налог на обвинителството, на осомничениот му е одреден притвор до 48 часа, а случајот е квалификуван како „тешко убиство“.

Телата на починатите се испратени во Институтот за судска медицина во Приштина, каде што треба да се изврши обдукција за утврдување на точните причини и околностите на смртта.

Медиумите објавуваат неофицијални информации за текот на трагедијата

Косовскиот портал „Лајми.нет“ објави неофицијални информации за можниот тек на настанот, според кои 27-годишниот маж најпрво го усмртил своето тримесечно дете, по што неговиот татко го убил него.

Сепак, овие наводи засега не се официјално потврдени од надлежните институции. Мотивот, точниот редослед на настаните и одговорноста за смртта на двајцата треба да бидат утврдени со истрагата и резултатите од обдукцијата.

Надлежните органи продолжуваат со истражните дејствија за целосно расветлување на случајот.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни