Косовскиот премиер, Албин Курти објави дека одлучил тој и членовите на неговата влада да не одговараат на пратеничките прашања на пратениците кои не гласале за меѓународните договори.
На денешната седница на Собранието, на која на дневен ред беше единствено точката „пратенички прашања“, Курти рече дека на прашањата на некои од пратеници од опозицијата, кои не ги гласаат меѓународните договори нема да одговара, иако одговорите веќе ги подготвил.
– Бидејќи не ги гласате договорите, сите пратеници кои ги поставуваат прашањата нема да го имаат мојот одговор иако веќе го подготвив. Ние сме колеги од иста држава. Никогаш немало премиер на независно Косово кој посериозно одговарал на пратенички прашања. За жал, не можам да одговорам на пратеничките прашања кои не доаѓаат од овој Парламент, рече Курти.
Пратениците на опозициските Демократска партија на Косово (ПДК) и Алијанса за иднината на Косово (ААК) на неколку седници по ред не гласаат за меѓународни договори.
Шефот на пратеничката група на ПДК, Абелард Тахири на седницата одржана вчера рече дека доколку се одреди датумот за вонредни избори ќе се гласа за меѓународните договори.