Во живо Отворено студио Избори Србија 2026
Балкан

Рама најави казни до 5.500 евра за насилни демонстранти во Албанија

Рама најави казни до 5.500 евра за насилни демонстранти во Албанија

Албанската влада подготвува построги санкции за учесниците во насилни протести, вклучително и казни до 5.500 евра и обврска за надоместување на предизвиканата материјална штета. Новите мерки ги најави премиерот Еди Рама, со образложение дека целта е да се спречат насилството, уништувањето имот и појавите што тој ги нарекува „урбана анархија“.

Рама го претстави пакетот мерки, нагласувајќи дека тие не се насочени против граѓаните кои мирно го изразуваат своето незадоволство, туку против оние што предизвикуваат насилни инциденти и уништуваат имот, пренесува „Еуроњуз Србија“.

Според најавата, казни ќе им се изрекуваат и на лицата кои нема да се повлечат по полициско предупредување, доколку продолжат да бидат дел од групи што фрлаат камења, палат или оштетуваат имот. Од овие санкции ќе бидат изземени новинарите, медицинските работници, набљудувачите, службените лица и случајните минувачи.

Со новите правила се предвидува и родителите да ја преземат финансиската одговорност за материјалната штета што ќе ја предизвикаат нивните деца помлади од 14 години.

Покрај казните, државата планира да им помогне и на малите бизниси погодени од насилните инциденти. Според најавата на Рама, ќе се покриваат од 70 до 100 проценти од штетата предизвикана од провали, грабежи и пожари.

Пакетот опфаќа и подготовка на посебен закон за обесштетување, измени на прописите за јавни собири, воведување електронски регистар на прекршители, како и промени во етичкиот кодекс за наставниците и во Кривичниот законик.

Албанскиот премиер порача дека е подготвен да ги слушне критиките на граѓаните за работата на владата, но истакна дека политичките барања, вклучително и повиците за негова оставка, не смеат да се наметнуваат преку насилство.

Со најавениот пакет, владата во Тирана има намера да ја заостри одговорноста за насилството на протестите, а истовремено да обезбеди финансиска помош за бизнисите што ќе претрпат штета.

Ноќно студио

Најнова епизода

Избори Србија 2026 - отворено студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни