Европските лидери вчера не успеаја да ги убедат косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ да постигнат договор за намалување на тензиите меѓу двете соседни земји, изјави шефот на европската дипломатија Жозеп Борел, цитиран од Франс прес.
Двајцата лидери имаа одвоени разговори со европските претставници, вклучително и францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Џорџија Мелони, на маргините на самитот на ЕУ во Брисел.
На маса беше ставен предлог за создавање на здружение на српски општини во северниот дел на Косово, на што инсистира Белград. Приштина бара Србија прво да ја признае независноста на Косово, пред да може да има какви било дискусии.
„За жал, страните не беа подготвени да постигнат договор“, рече Жозеп Борел, објаснувајќи дека „условите поставени од секоја страна се неприфатливи за другата“. „Длабоко сме загрижени поради ќор-сокакот во процесот на нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“, додаде шефот за надворешни работи на ЕУ.
Србите и Косовците меѓусебно се обвинуваат за неуспехот на преговорите. „И покрај великодушната понуда на премиерот Курти, српскиот претседател Вучиќ одби да потпише договор со Косово“, соопшти кабинетот на косовскиот лидер. Подготвен сум да потпишам се што сакате, освен присуството на Косово во ОН и прашањето за независноста на Косово, изјави Александар Вучиќ.
По војната, која заврши во 1999 година со бомбардирање на НАТО, односите меѓу Приштина и Белград одат од криза во криза. Србија одбива да ја признае независноста прогласена во 2008 година од нејзината поранешна покраина, чие население од 1,8 милиони, повеќето од албанско потекло, вклучува српска заедница од околу 120.000 кои живеат претежно на северот на Косово. По релативно мирното лето, тензиите нагло се зголемија кон крајот на септември, кога косовски полицаец беше убиен од група вооружени лица составена претежно од косовски Срби.