Израелските сили ги прошируваат своите копнени операции во Појасот Газа во обид да го уништат Хамас, се вели во наслов во Фајненшл Тајмс.
Хуманитарните организации ги засилуваат повиците за прекин на непријателствата, а американскиот претседател Џо Бајден се залага за поголема хуманитарна помош за цивилите во Појасот Газа. Во вчерашниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Бајден ја истакна потребата од „итно и значително зголемување на протокот на хуманитарна помош“ за цивилното население во Газа, соопшти Белата куќа.
Израел ја прошири копнената офанзива во Газа, а израелската армија упати „итен апел“ до Палестинците кои живеат во северниот дел на енклавата да се евакуираат на југ, подалеку од епицентарот на борбите.
Даниел Хагари, портпарол на израелските вооружени сили, рече дека Израел „се движи напред со следните фази од војната, според нашиот план“ и „постепено ги проширува своите копнени операции“. Портпаролот рече и дека за време на вчерашните напади врз Газа биле убиени „десетици терористи“.
Израел го бомбардира појасот Газа веќе три недели од нападот на Хамас врз еврејската држава на 7 октомври кога загинаа најмалку 1.400 Израелци, што е најсмртоносниот ден во 75-годишната историја на земјата. Покрај тоа, Хамас зеде повеќе од 200 заложници, и цивили и војници, кои се уште не се ослободени.
Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, вчера соопшти дека бројот на загинати во палестинската енклава од почетокот на израелската офанзива достигна 8.005 и дека 20.242 се повредени, објави Фајненшл тајмс.
Триесет и три камиони со хуманитарна помош влегоа вчера во Газа преку граничниот премин Рафах, кој се наоѓа на границата на енклавата со Египет, се наведува во насловот на Гардијан.
Според информациите на Ројтерс, Палестинците во северниот дел на Газа пријавиле зголемени воздушни и артилериски напади во раните утрински часови денеска.
Израелските воздушни напади ги погодија областите во близина на болниците Шифа и Ал-Кудс во градот Газа, а палестинските борци се судрија со израелските сили во граничната област источно од градот Кан Јунис, во јужниот дел на енклавата, објави агенцијата цитирајќи палестински медиуми. .
Борбите на кои сме сведоци во Газа означува ново поглавје во конфликтот на Блискиот Исток. Последиците и обемот на загубите се веќе поразителни, а неодамнешниот напад на Хамас и последователната војна најверојатно ќе ја дефинираат глобалната политика во годините што доаѓаат, истакнува Гардијан.
Израел ја бомбардира Газа, а Бајден бара поголема хуманитарна помош за енклавата, пишува наслов во Вашингтон пост.
Израел вчера ги прошири своите копнени и воздушни операции во Појасот Газа, подложувајќи го северниот дел на интензивно гранатирање.
Комуникациите во опколената енклава, прекината од Израел во петокот вечерта, биле делумно обновени вчераутро на барање на администрацијата на Бајден, изјави висок американски функционер.
Сепак, зголемените повици за прекин на огнот или хуманитарна пауза не беа слушнати, забележува Вашингтон пост.
Од 21 октомври досега вкупно 117 камиони со хуманитарна помош влегле во Газа, пишува француското издание „Монд“.
Оваа помош е „добредојдена“, но не е доволна, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, која стравува од „натамошно влошување на катастрофалната хуманитарна ситуација“ и „граѓански немири“ во Газа.
„Попречувањето на испораката на помош може да претставува кривично дело“, изјави вчера Карим Кан, обвинител на Меѓународниот кривичен суд, по посетата на граничниот премин Рафах, каде што се складира меѓународна хуманитарна помош наменета за палестинските цивили. „Израел мора веднаш да се погрижи цивилите да добиваат храна и лекови“, додаде Кан.
Израел ја започна втората фаза од операцијата во Газа, пишува наслов во Фигаро.
Во петокот вечерта, со масовно бомбардирање, израелската армија ја започна втората фаза од својата операција како одговор на нападот на Хамас врз еврејската држава на 7 октомври. Во моментов, единиците на израелската армија дејствуваат на теренот во североисточниот дел на палестинската енклава, околу Беит Ханун и Беит Лахија, објаснува француското издание.