Свет

САД и Јужна Кореја започнаа заеднички воздушни вежби

САД и Јужна Кореја започнаа заеднички воздушни вежби

Соединетите Американски Држави и Јужна Кореја денеска почнаа големи воздушни вежби, во кои се очекува да учествуваат 130 воени авиони на двете земји, пренесе Ројтерс.

Годишната вежба наречена Будна одбрана ќе продолжи до петок. Во нив се планира да бидат вклучени и американски и јужнокорејски борбени авиони Ф-35 и други видови борбени авиони, се вели во соопштението на јужнокорејските воздухопловни сили.

Целта на вежбите е да се подобри способноста на вооружените сили на САД и Јужна Кореја да дејствуваат заедно во воздушните мисии.

„Ќе го одржиме највисокото ниво на борбена готовност за да можеме веднаш да одговориме и строго да ја казниме секоја провокација од непријателот“, соопштија јужнокорејските вооружени сили.

Сеул и Вашингтон ги одржуваат вежбите во услови на зголемена воена соработка меѓу Северна Кореја и Русија.

Севернокорејскиот министер за надворешни работи Чое Сон-Хје во саботата изјави дека Северна Кореја е решена да ги продлабочи врските со Русија, истакнувајќи дека односите меѓу Москва и Пјонгјанг ќе играат „силен стратешки“ елемент доколку безбедноста во регионот е загрозена.

Северна Кореја долго време ги осудува заедничките воени вежби на САД и Јужна Кореја, велејќи дека тие се подготовки за инвазија и доказ за непријателската политика меѓу Вашингтон и Сеул, забележува Ројтерс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни