Македонија

Симболични цени во роаминг, земјите од Западен Балкан од 2021 година со бесплатни разговори и интернет

Драстично се намалуваат цените на роаминг услугите за земјите од Западен Балкан и веќе од денеска граѓаните една минута разговор ќе ги чини 5,04 денари, во однос на досегашната цена од околу 75,4 денари. Дојдовните повици во било која од земјите од Западен Балкан ќе чинат 2,9 денари минута кои досега чинеа 30,2 денари. СМС пораките се намалуваат на 2,6 денари во однос на досегашната цена од 16,1 денар. И интернет услугите се со многу пониски цени и тоа од 1,9 денари за мегабајт  кој досега чинеше 257,4 денари. Министерот Манчевски рече дека цените се линеарни и ќе важат за сите земји од Западен Балкан, односно за Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово.  Вети дека за две години роамингот во Западен Балкан ќе биде бесплатен.

-На први јули 2021 година корисниците воопшто нема да плаќаат за користење на роаминг во земјите од Западен Балкан. Тогаш во сила целосно ќе стапи „Роаминг како дома“, по  примерот на земјите од Европската унија. Овој договор беше и предуслов за почеток на процесот на намалување на цените и со земјите од Европската унија. Разговорите веќе се иницирани а целта ќе биде набрзо после први јули 2021 година да се укине роамингот и со земјите од Европската унија-изјави Манчевски.

Иако претходно имаше најави дека ќе има намалување на цените на роамингот и со Грција и со Бугарија сепак летово туристите кои ќе патуваат во овие две земји ќе плаќаат по старите цени.

-Во моментов знаете дека следниот викенд во Грција се одржуваат парламентарни избори после кои што ќе ги продолжиме разговорите со цел да се реализира сличен вид на намалување со Грција. Веќе сме во разговори, се надоврзувам, и со Бугарија и со министерството и помеѓу регулаторите има иницијатива, а и самите оператори веќе договараат одредени пакети со кои што мислам дека брзо ќе можеме да излеземе и со конкретни информации за намалување на цените на роаминг и со Бугарија.-рече Манчевски.

Претставниците на операторите во земјава ВИП и Телеком истакнаа дека ја поддржуваат иницијативата на Владата за намалување на цените за роаминг и покрај тоа што ќе имаат финансиски импликации.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни