Македонија

Рашковски најави тужби за портали и новинари, гласот е негов – за 15% награда не даде одговор

Договорот за избор на италијанската фирма Леонардо бил уште за време на претходната власт, кога на чело на Управниот одбор на М-НАВ бил Живко Попоски, татко на тогашниот министер за надворешни работи Никола Попоски, ова го истакна генералниот секретар на Владата Рашковски на денешната прес конференција. Тој потврди дека гласот на аудио снимката која излезе во јавност е негов. Сепак, на новинарско прашање што значи тоа што вели дека „Леонардо“ ќе го добие тендерот и дека треба да има 15 посто награда, не одговори, туку најави судска разврска.  На инсистирање дали ќе поднесе оставка, одговори негативно, а најави тужби против поранешниот директор на МНАВ Климент Чепуњовски за неовластено снимање, но и тужби за клевета и навреда на Иванка Василевска од ВМРО ДПМНЕ како и на новинари и портали кои ја објавија снимката.

„Да ја почекате разврската на целиот случај преку суд, затоа што аудио-записот е даден на вештачење да се види каде се` и какви видови на верзии се извадени. На 31.6.2017 година Живко Попоски татко на министерот Никола Попоски ја потпишува одлуката за избор на Леонардо. Одлуката за избор на Леонардо е од претходниот менаџмент потпишана од страна на татко на претходен функционер на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Драги Рашковски – генерален секретар на Влада.

За навредите кои се слушаат на снимката Рашковски рече дека се извинува , како што рече до небо, на сите кои се чувствуваат навредени, особено на Италија и на ромската заедница. За ова денеска беше објавен и текст во некои италијански медиуми. Инаку Рашковски информираше и за инцидентот од септември минатата година кога радарите останале без слика дека целокупниот материјал за ова се предадени на Основното јавно обвинителство, а дополнителни информации не може да даде бидејќи станува збор за класифицирани информации. Рашковски потврди дека заради тој инцидент е разрешен директорот на техника во М НАв Климент Чепуњовски.

Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Рашковски не ја говори вистината , но и дека не даде одговори за наводната провизија. И денеска обвини дека тој го мести тендерот за италијанската фирма Леонардо.

„Господине Рашковски многу сте јасен во снимката која ја слушнавме во медиумите кога велите – Леонардо вил вин. Господине Рашковски, ова индицира дека апла местите кој треба да го добие тендерот. Денес е јасно дека Драги Рашковски преговарал во својство на лице задолжено од премиерот Зоран Заев . Денес се дозна за нарачката зад која стои скандалозниот тендер и лично господинот Заев“, изјави Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Минатата недела во јавноста беше објавен аудио разговор меѓу генералниот секретар на Владата Драги Рашковски во кој наводно се договара местење тендер за проект за набавка на радарски систем на Македонска навигација, финансиран од Европската банка за обнова и развој.

РЕПОРТЕРКА: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни