Целосен мониторинг на патарините долж Коридорот 10 и кај Петровец е ставен во функција. Контролниот центар ќе ги следи состојбите на патарините Романовце, Отовице, Сопот и Градско долж Коридорот 10, како и наплатната станица Петровец. Со камерите на автопатот и во самите патарини ќе се следи како се одвива наплатата, но исто така и за состојбата и евентуален застој и несреќи на патот.
-Се наоѓаме во Контролниот центар од каде се врши набљудување на наплатните рампи. Во моментов се набљудуваат 10 наплатни рампи а има најава дека во иднина ќе биде вклучена и наплатната рампа во Гевгелија. Но она што е новина – од денеска нов начин на плаќање на патарината. Се воведува систем на ТАГ-ови и систем на картички-вели Светлана Унковска, репортер на ТВ21.
Оние кои што ќе плаќаат преку таканаречени Таг-ови кои чинат 1.500 денари нема воопшто да застануваат на патарините туку да подзабават со возилото за да има време да го исчиста електронскиот уред. Оние пак, кои ќе се одлучат за смарт картички ќе треба само да ја доближат до читачот. Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов вели дека со овој систем наплатата на патарините не само што ќе оди побрзо, туку ќе биде и поевтино.
-Сите корисници на електронски картички и на тагови имаат попуст односно поевтини патарини. Од 2 до 7 посто во зависност од сумата која што ја внесувате на картичката. Тоа автоматски се пресметува, кога ќе дојдете со илјада денари, на пример имате 1 или 2 посто, кога ќе дојдете со 5 илјади имате 3 посто. Тоа посебно ќе се одрази позитивно, веќе имаме најголема реакција за таговите од превозниците-рече Китанов.
Проектот е предвиден и со националната транспортна стратегија преку воведување на Интелигентен транспортен систем со кој ќе се олесни транспортот и ќе се зголему функционалноста, безбедноста и предвидливоста на сообраќајот на патиштата, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА