Свет

ЕП усвои резолуција: Путин сноси „лична“ одговорност за смртта на Навални

ЕП усвои резолуција: Путин сноси „лична“ одговорност за смртта на Навални

Пратениците на Европскиот парламент денеска усвоија резолуција во која се наведува дека руската држава и нејзиниот претседател Владимир Путин „лично“ сносат кривична и политичка одговорност за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални и мора да одговараат за тоа.

Европскиот парламент остро го осудува „убиството на Алексеј Навални“ и дава целосна поддршка на неговата вдовица во нејзините напори да продолжи по неговиот пат.

Пратениците предупредија дека убиството на Навални е уште еден знак за растечка и систематска репресија во Русија и бараат независна и транспарентна меѓународна истрага за неговото убиство со цел да се открие вистината, да се обезбеди одговорност и правда, се додава во соопштението на Европскиот парламент.

Политичкиот систем на Русија е под контрола на авторитарен режим со широко распространета корупција, кој користи наместени избори како привид на демократија и ја концентрира целата моќ во рацете на Владимир Путин, се додава во резолуцијата.

Пратениците ја повикуваат ЕУ, нејзините земји-членки и партнерите со истомисленици ширум светот да ја продолжат својата политичка, економска и воена поддршка за Украина, бидејќи тоа е најдобриот одговор на агресивните практики на режимот на Кремљ.

Одлучувачката победа на Украина може да доведе до вистински промени во Руската Федерација, особено до деимперијализација, деколонијализација и рефедерализација, а сето тоа се неопходни услови за воспоставување демократија во Русија, смета Европскиот парламент.

Резолуцијата беше усвоена со 506 гласа за, девет против и 32 воздржани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни