Делегацијата на Владата на Република Северна Македонија составена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров и министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на покана на Владата на Обединетото Кралство, денеска и утре престојуваат во работна посета на Лондон.
На првиот ден од Конференцијата за слобода на медиумите, шефот на владината делегација, МНР Димитров, се обрати на панелот „Слободата на медиумите во Западен Балкан и нови начини на работа“, на кој заедно со британскиот министер за Европа и Америка, Сер Алан Данкан и претставници на медиумите и на граѓанскиот сектор од регионот на Западен Балкан дискутираа за предизвиците со кои Регионот се соочува во сферата на медиумите.
“Сметам дека ова е веројатно најважниот проблем со кој се соочува регионот. Сите знаеме дека без информирани граѓани не постои демократија. А без слободни медиуми нема информирани граѓани. Мој омилен цитат на оваа тема од американскиот државник Адлај Стивенсон, гласи: “Слободните медиуми се мајка на сите слободи и на нашиот напредок во слободата“. А каде стоиме ние? Гледам дека постои тензија меѓу новинарите околу масата и владините претставници. Јас, самиот, сум случаен политичар. Бев дипломат и активист, а веќе две години сум министер за надворешни работи на Северна Македонија.
Ние ја научивме лекцијата на потешкиот начин, од кризата се роди решителност за подобрување, живеевме во средина во која се прислушуваа 20.000 граѓани во земја од 2 милиони жители и каде што сериозните индиции за масовна злоупотреба на власта всушност не се објавуваа по националните телевизиски мрежи од тој период.
Јавниот сервис пак го прекина емитувањето на нападот на Собранието што се случи во април 2017 година, настан што веројатно беше најцрниот ден за македонската демократија од 1991 година.
Очигледно е дека како Влада постигнуваме напредок и можам да го цитирам овогодинешниот извештај на Европската комисија што вели: „ Климата за слободата на медиумите и слободата на изразување е подобрена, со поотворена политичка дебата и по критичко известување во медиумите. Потребни се дополнителни само регулативи за да се подобрат професионалните стандарди и квалитетот на новинарството.”, рече Димитров.