Свет

Страшна бура во САД: 24 лица загинаа, стотици згради уништени, паднаа „ледени бомби“

Страшна бура во САД: 24 лица загинаа, стотици згради уништени, паднаа „ледени бомби“

Невремето со грмотевици што ги зафати јужните американски низини и планините Озарк уби најмалку 24 луѓе во четири држави и уништи стотици згради, а синоптичарите предупредуваат на влошување на времето.

Бројот на загинати за време на викендот вклучува најмалку осум смртни случаи во Арканзас, седум во Тексас, четири во Кентаки и двајца во Оклахома, според официјални претставници на државната итна помош.

Гувернерот на Кентаки, Енди Бешеар, прогласи вонредна состојба рано во понеделникот, 27 мај, додека Националната метеоролошка служба објави дека до понеделник попладне било издадено предупредување за силно невреме за делови од Џорџија и Јужна Каролина.

Поради невремето без струја останаа околу 300.000 луѓе во седум сојузни држави, пишува Јутарњи.

„Тоа беше тешка ноќ за нашиот народ“, објави гувернерот на Кентаки на социјалната платформа Х во понеделник, 27 мај. Тој подоцна на брифинг со новинарите изјави дека разорните бури ја погодиле речиси целата држава. Надлежните соопштија дека во невремето се оштетени сто државни автопати и патишта.

Силен град го погоди Тексас, а снимките објавени на социјалните мрежи покажуваат како ледени топки паѓаат од небото со брзина на молња.

Националната метеоролошка служба предупреди на дополнителни бури во долините на Охајо и Тенеси, кои ќе донесат силни ветрови, град, торнада и обилни дождови кои би можеле да предизвикаат поројни поплави.

Најновите екстремни временски услови доаѓаат само неколку дена откако силно торнадо рикаше низ град во Ајова, убивајќи четири лица, а повеќе пијавици го погодија Тексас минатата недела.

Истовремено, метеоролозите најавуваат дека екстремно високи температури ќе го зафатат Тексас, каде се очекуваат температури и до 49 Целзиусови степени.

Во меѓувреме, САД се подготвуваат за она што владините прогнозери го нарекоа потенцијално „вонредна“ сезона на урагани во Атлантикот што започнува на 1 јуни.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни