Свет

Њу Делхи регистрира рекордни 52,3 степени Целзиусови

Њу Делхи регистрира рекордни 52,3 степени Целзиусови

Температура од 52,3 степени Целзиусови е забележана во Њу Делхи, главниот град на Индија, што е температурен рекорд за целата земја, соопшти метеоролошката служба.

Рекордна температура денеска ја регистрира индиската метеоролошка служба во Мунгешпур, предградие на Њу Делхи, соборувајќи го претходниот национален рекорд регистриран во пустината Раџастан за повеќе од еден степен Целзиусови.

Во Њу Делхи, претходно денеска беше објавено дека во истото предградие Мунгешпур е забележана рекордна температура од 50,5 степени Целзиусови, што го собори топлотниот рекорд за градот забележан претходниот ден од 49,9 степени Целзиусови.

Властите на градот со околу 30 милиони жители денеска издадоа црвено предупредување за екстремни горештини.

Надлежните укажаа на опасноста по здравјето на луѓето од сите возрасти поради топлотните бранови и повикаа да се води посебна грижа за чувствителните лица.

Топлотниот бран во централна и северозападна Индија од утре треба постепено да почне да стивнува, соопшти индиската метеоролошка служба.

Во мај 2022 година во некои делови на главниот град беа измерени температури од 49,2 степени Целзиусови.

Екстремните горештини се вообичаени во Индија во текот на летото, но според истражувачите, климатските промени доведуваат до подолги, почести и поинтензивни топлотни бранови.

Градските власти предупредија на ризик од недостиг на вода, бидејќи во некои области веќе има прекини во снабдувањето.

Во северозападната индиска држава Раџастан вчера беше забележана највисока температура во земјата од 50,5 степени Целзиусови. Таа пустинска област околу градот Фалоди го забележа претходниот историски рекорд на топлина од 51 степени Целзиусови во 2016 година.

Соседниот Пакистан е исто така погоден од силни топлотни бранови, при што во неделата е забележана максимална температура од 53 степени Целзиусови во провинцијата Синд, која граничи со Индија.

Пакистанската метеоролошка служба очекува од утре температурите да почнат да опаѓаат, но во јуни повторно се очекуваат високи температури.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни