Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека дебатата меѓу сегашниот и поранешниот американски претседател Џозеф Бајден и Доналд Трамп не е меѓу главните прашања на агендата на рускиот претседател Владимир Путин, има многу поважни работи со кои тој се занимава.
– Мислам дека не очекувате дека претседателот на Русија ќе го вклучи алармот во раните утрински часови за да ја следи дебатата во САД. Тоа не се настани што се на нашата агенда. Имаме многу прашања кои се навистина важни за нашата земја, тоа се прашањата со кои се занимава нашиот претседател. Дебатите во САД не спаѓаат во категоријата на крупни прашања – посочи тој.
Песков рече дека Кремљ е запознаен со наводите на медиумите за дебатите и дека темелно ќе ги разгледа сите изјави на кандидатите, но тоа е внатрешно американско прашање.
Портпаролот на рускиот лидер изјави и дека Русија никогаш не се мешала во изборниот процес во САД, а нема да го направи тоа ниту сега, затоа Москва нема да дава никаква оценка во однос на дебатата меѓу претседателот Џозеф Бајден и републиканскиот кандидат Доналд Трамп.
– Апсолутно немаме намера да ја оценуваме дебатата на кој било начин, тоа е нивно внатрешно прашање. Никогаш не сме се мешале во изборниот процес во САД. Имаше многу истраги за наводното руско мешање и ништо не е утврдено. Русија и сега нема да се меша, тоа е нивно лично прашање – заклучи Песков.