Свет

Нов удар за Марин Ле Пен: Истрага за финансирање на нејзината претседателска кампања

Отворена е истрага за финансирањето на претседателската кампања во 2022 година на лидерката на крајнодесничарската партија Национален собир, Марин Ле Пен.

Обвинителите во Париз соопштија дека ќе ги истражат наводите за проневера, фалсификат и измама, како и дека францускиот претседателски кандидат прифатил заем за време на изборната кампања.

Истрагата беше отворена пред една недела, по извештајот на Националната комисија за сметки и политичко финансирање во 2023 година (CNCCFP) Не беа дадени дополнителни детали за причините за истрагата, ниту пак таборот Ле Пен го коментираше покренувањето на оваа истрага.

Партијата „Национален собир“ претходно доби заеми од руски и унгарски банки. Рускиот заем вреден 9,4 милиони евра, сепак, беше вратен минатата година.

Исто така, оваа партија во 2017 година беше обвинета дека на своите членови им давала лажни работни места како асистенти во Европскиот парламент. Околу 5 милиони евра наводно отишле за помошници на Националното собрание кои не работеле за пратеници во Европскиот парламент, а работеле партиски работи во Франција. Десничарите ги отфрлија обвинувањата и изјавија дека ќе докажат дека овие пари не се проневерени.

Судот ќе им суди на Марин Ле Пен и на уште 24 членови на нејзината партија за наводна злоупотреба на фондовите на ЕУ во септември.

Инаку, Марин Ле Пен се кандидираше за претседател во 2012, 2017 и 2022 година. Таа беше реизбрана во парламентот за време на првиот круг од предвремените парламентарни избори во Франција минатиот месец.

Нејзината партија неочекувано го зазеде третото место, и покрај тоа што на изборите за Европскиот парламент само неколку недели пред тоа постигна одлучувачка победа, пишува Би-Би-Си.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни