Македонија

Неизвесност за клиентите на Алта банка – се најавуваат посебни шалтери за граѓаните без картички

Неизвесност за клиентите на Алта банка – се најавуваат посебни шалтери за граѓаните без картички

Продолжуваат редиците пред банкоматите и експозитурите на Алта банка, откако беше воведено ограничување за подигнување готовина од 10.000 денари неделно. Дел од клиентите се обидуваат да ги префрлат своите сметки во други банки, додека други се соочуваат со проблеми поради истечени или неактивни платежни картички.

Особено тешка е ситуацијата за граѓаните кои воопшто немаат картички или чии картички останале заглавени во банкоматите. Поради затворените експозитури, тие засега немаат можност да пристапат до своите средства преку шалтерите.

„Ми треба повеќе пари, ама немам, што да правам“, вели една од клиентките кои чекаат пред банкоматите.

Друг граѓанин посочува дека се обидел да ја префрли својата сметка во друга банка, но постапката не може да ја заврши бидејќи нема пристап до експозитурата на Алта банка.

Во меѓувреме, се разгледува можноста за околу 5.000 корисници на социјална помош да се овозможи исплата на целокупниот износ директно на шалтерите. Според најавите, оваа категорија граѓани би имала приоритет и за неа не би важело ограничувањето од 10.000 денари неделно.

Народната банка од 1 ноември воведе привремена администрација во Алта банка, со времетраење од три месеци. Администрацијата има рок од 21 ден да ја утврди финансиската состојба и да подготви извештај.

За клиентите кои немаат платежни картички се најавува отворање посебни пунктови и шалтери во текот на неделава, преку кои ќе можат да пристапат до своите средства.

Додека се очекуваат дополнителни информации за функционирањето на банката, неизвесноста продолжува за голем број граѓани кои секојдневно се обидуваат да дојдат до своите пари.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни