Судот во Москва денеска му одреди двомесечен притвор на началникот на градежниот сектор во Министерството за одбрана, Андреј Белков, поради сомнение дека ја злоупотребил положбата, што е последно во серијата апсења на високи функционери на министерството оваа година.
Андреј Белков беше на чело на Военото градежно претпријатие, кое гради бази, болници, училишта и други важни објекти за војската. Компанијата била под надзор на заменик министерот за одбрана Тимур Иванов, кој во април беше уапсен под обвинение за давање и примање поткуп.
Иванов, шефот на Белков, беше близок соработник на Сергеј Шојгу, кој беше сменет од претседателот Владимир Путин од функцијата министер за одбрана во мај. Неколку други високи воени личности исто така беа уапсени под обвинение за измама или поткуп.
Рускиот интернет портал „Медуза“ се повикува на неименувани извори дека Белков е уапсен во врска со набавката на апарат за томографија по превисока цена при реконструкција на воено медицински центар.
Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува затворска казна до 10 години.