Откако неколку пати премиерот Христијан Мицкоски ја обвини Данела Арсовска за хаосот во Град Скопје, особено околу хигиената, се огласија и од Град Скопје, кои го обвинија Мицкоски за ситуацијата со главниот град.
„Ја поздравуваме најавата на претседателот на Владата Христијан Мицкоски и го охрабруваме да преземе одговорност за нарушените состојби во главниот град. Како за почеток премиерот Мицкоски да ги вразуми советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот кои трета година по ред свесно ја кочат работата на јавните претпријатија. Апелираме Мицковски да ги убеди советниците да гласаат за набавка на нови еколошки автобуси, проект кој заедно со градоначалничката Арсовска го ветуваше на скопјани. Апелираме советниците навремено да ги гласаат програмите за работа на јавните претпријатија со цел да не се кочи нивната ефикасност, апелираме Мицкоски да преземе одговорност и за свесното блокирање на претпријатијата.
Го охрабруваме Мицкоски да се обиде и да ја преземе одговорноста за членовите на Управните и Надзорните одбори во претпријатијата на градот Скопје каде владејачката ВМРО-ДПМНЕ е застапена со над 90% од членовите на Одборите. Токму овие членови на УО и НО три години се изживуваат врз вработените и граѓаните на Скопје. Сите управни одбори без исклучок се со мнозинство членови на ВМРО-ДПМНЕ и се чини имаат единствена задача – влошување на состојбите и блокирање на услугите. Го охрабруваме Мицкоски да ги охрабри овие луѓе да ги одобрат плановите за вработување, плановите за набавки на нови контејнери, машини, дрвја, зеленило, автобуси и резервни делови.
Апелираме да се стави крај на политичкиот терор, и сега како одговорна владејачка партија, Мицкоски да преземе одговорност за состојбите во главниот град за кои најзаслужни се советниците и членовите на Управните и Надзорните одбори на градските јавни претпријатија“, велат од Град Скопје.