Претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски „верува дека ќе смогне сили и ќе најде начин Арсовска да се надмине себеси и својата суета и конечно да поднесе оставка на функцијата градоначалник на Град Скопје што ќе биде добро за нејзе, но пред се за сите скопјани“.
Доколку не го направи тоа, како што најави, ЗЕЛС е подготвен да предложи и измени на законски решенија за да може да се одземат ингеренциите на Арсовска.
– Сите барања од страна на градоначалничката Данела Арсовска во пракса нема ништо да променат и се да и се овозможи од она што го бара не верувам дека Град Скопје ќе има некаков напредок и исчекор. За жал скопјани се заложници во моментов на еден човек кој има проблем со себе и на кој секој му е крив, освен прстот да го впери во себе си и да си го најде проблемот во себе. За Скопје спас во моментов е доколку Арсовска си поднесе неотповиклива оставка, рече Георгиевски во одговор на новинарско прашање на паузата на јавната дискусија за предлог законите за административни службеници во ЗЕЛС.
Тој нагласи дека Арсовска нема поддршка ни од нејзините соработници, а директорите на јавните градски претпријатија ги менува по неколкумина на шест месеци.