Компанијата Фокуснет ДОО Штип излезе со ново соопштение до јавноста во врска со нивниот долгогодишен спор против Македонски Телеком АД Скопје. Фокуснет тврди дека Телеком продолжува со манипулативни активности во обид да избегне исплата на штетата утврдена со пресуда на Апелациониот суд, која изнесува приближно 2 милиони евра.
Спорот трае повеќе од две децении, а започна во 2002 година кога Фокуснет беше трет по големина интернет провајдер во Македонија. Според соопштението, Македонски Телеком ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот и со тоа го истиснал Фокуснет од интернет пазарот. Овие дејствија беа правно утврдени и потврдени од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, Управниот и Вишиот управен суд.
Фокуснет наведува дека вештачењето утврдило штета во висина од 4 милиони евра, но Апелациониот суд ја преполовил оваа сума и одредил отштета од 2 милиони евра, со што го намалил и периодот за пресметување на каматата. Компанијата е незадоволна од ваквата одлука и најавува дека ќе продолжи со правна борба пред Врховниот суд на РСМ.
Според Фокуснет, Македонски Телеком се обидува да влијае врз судските институции и да го избегне исплаќањето на штетата. Тие го обвинуваат Телеком за тенденциозни напади и инсинуации, кои имаат за цел да ја манипулираат јавноста и судскиот процес.
Фокуснет завршува со апел до институциите да не подлегнуваат на притисоците на Телеком и да дозволат судовите да работат независно.
Македонски Телеком ги превзеде и понатаму ќе ги превзема сите правни дејствија за заштита на интересите на компанијата според важечките закони, се вели во ставот кој претходно е објавен од медиумите а добиен од компанијата.
4NEWS.mk испрати и дополнителни прашања до Телеком.