Македонија

Мицкоски за катната гаража до Собранието: Некој некогаш не бил разумен и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието

Мицкоски за катната гаража до Собранието: Некој некогаш не бил разумен и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието

Денес премиерот Христијан Мицкоски рече дека „ќе се бара начин да се обесштети инвеститорот на катната гаража до Собранието за да не се гради, бидејќи ја загрозува безбедноста на овој државен објект и дека веќе е воспоставена комуникација со инвеститорот и наредната недела спикерот Африм Гаши ќе има средба со него на којашто ќе се договара решение“.

„Некој некогаш не бил разумен, се однесувал незрело и направил нешто што ја загрозува безбедноста на Собранието. Инвеститорот ги има сите потребни документи за градба бидејќи пред 12 години му било продадено земјиштето. Но, ние сега како Влада без разлика што некој друг се однесувал незрело мора да го решиме проблемот, да најдеме начин да го обесштетиме инвеститорот, а земјиштето повторно да се врати на државата за да не се гради таму објектот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашање на прес-конференцијата за доделување 250 милиони евра на општините.

Пред еден месец инвеститорот ДТПУ АНГО ДООЕЛ од Скопје го огради просторот околу Собранието и почна да го расчистува просторот за изградба на катната гаража.

Државното земјиште кај Собранието беше продадено на јавно наддавање во 2013 во времето на премиерот Никола Груевски, а министер за транспорт и врски беше Миле Јанакиески, согласно договорот за отуѓување на катна гаража со компатибилни класи на намена односно изградба на мали комерцијални и деловни единици. Катноста на објектот согласно Детален урбанистички план е П+2, а влезот е предвиден од пристапната улица помеѓу Собрание и Дом на АРМ.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни