Во пресрет на Меѓународниот ден на чистиот воздух, УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија објави нов документ за политики во кој истакнува дека во 2021 година над 5.480 доенчиња во 23 земји и територии низ Европа и Централна Азија починале од причини поврзани со аерозагадувањето.
Во Македонија, смртните случаи на новороденчиња поврзани со загадениот воздух сочинуваат 11,6 отсто или 1 од 9 смртни случаи на деца на возраст до една година, информираа од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Во извештајот се вели дека во Македонија ризиците од загадениот воздух се особено високи.
Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.