Македонија

Заев ја „избриша“ Катица Јанева, предлага Вилма Рускоска да биде на чело на новото СЈО

Пропадна лидерската средба закажана за денеска. Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одби да седне на маса, без да се увери дека прва точка на разговорите ќе бидат предвремените парламентарни избори, а не Изборниот законик, Пописот на население и судбината на Специјалното јавно обвинителство. Ваквото одбивање од опозицијата, премиерот Зоран Заев го нарече неаргументирано, па затоа најави дека Владата следната недела до Собранието ќе достави нов-предлог закон за СЈО. Заев верува дека за овој нацрт-закон ќе биде обезбедено 2/3 мнозинство и ќе се зачува досегашната работа на СЈО.

Специјалната обвинителката Катица Јанева веќе ја нема, па затоа, според Заев, сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема причина да бега од преговорите, бидејќи во спротивно, како што вели, може да се родат сомнежи дека имаат за цел да заштитат нечиј криминал. Обвинителката Рускоска, затекната од неговиот предлог – на чело на новото обвинителство да застане токму таа.

-Никој не ме консултирал и јас бев затекната. Тоа дали јас ќе прифатам е преурането прашање. Не се знае каков закон ќе донесе Собранието-рече Рускоска.

Предлогот – Рускоска да шефува со новото обвинителство, од ВМРО-ДПМНЕ го нарекуваат желба на Заев и додаваат дека останува да се види дали е прифатлива.

-Штом ќе го добиеме предлог-законот, ќе го доставиме на разгледување во партиските органи, односно во правните органи и преговарачката група. Додека не се најдат недостатоците, предностите, позитивните и негативните страни, ние ќе останеме фокусирани на изготвување на наш предлог-закон. Во однос на Вилма Рускоска, ги слушнавме сите желби на Зоран Заев. Заев може да има многу желби, но ќе видиме дали е прифатлива или не-изјавија од ВМРО-ДПМНЕ.

Според ДУИ, предлогот на Заев е добра основа и вистински правец за трајно решение за институционализацијата на борбата против криминалот и корупцијата. Двете опозициски албански партии Алијанса за Албанците и Движењето Беса, за ТВ21 велат дека новиот предлог-закон ќе биде разгледан во партиските органи, а потоа ќе излезат со официјален став.

Во однос на „бомбите“, освен оние кои се доставени на суд, сите останати ќе бидат уништени согласно пропишаните процедури. Инаку, новиот предлог-закон предвидува сите предмети на СЈО, пред судовите да продолжи да ги води новото обвинителство. Финансискиот план ќе го изготви новиот специјален обвинител, а истиот нема да може да биде коригиран од страна на Владата и Собранието.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни