„Непромислената нуклеарна реторика на Владимир Путин не треба да ги одврати членките на НАТО да и пружат поголема воена помош на Украина“, изјави генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг во интервју за Ројтерс.
Столтенберг реагираше на минатонеделната изјава на Путин дека Русија, доколку биде нападната со конвенционални ракети, може да користи нуклеарно оружје и дека секоја нуклеарна сила што поддржува напад врз Русија ќе се смета за коагресор и учесник во нападот. Според ревидираната верзија на доктрината, напад врз Русија од страна на држава која не поседува нуклеарно оружје, поддржана од нуклеарна сила, ќе се смета за „заеднички напад врз Руската Федерација“.
Предупредувањето на Путин дојде додека САД и нивните сојузници дебатираат дали на Украина треба да и се дозволи да користи западно оружје со долг дострел за напади длабоко на руска територија.
„Она на што сме сведоци е шема на непромислена нуклеарна реторика и пораки, а тоа се вклопува во тој модел. Секој пат кога ја зголемувавме нашата поддршка, без разлика дали со тенкови, оган од долг дострел или Ф-16, Русите се обидуваа да запрете не“, изјави Столтенберг, кој утре му го предава раководството на НАТО на поранешниот холандски премиер Марк Руте.
Најголем ризик за НАТО
„Тие не успеаја и овој последен пример не треба да ги спречи сојузниците на НАТО да ја поддржат Украина“, рече тој. Тој е на мислење дека ништо не се променило во односот на Русија што би барало „промени од наша страна“.
Столтенберг смета дека најголемиот ризик за НАТО би бил доколку Путин победи во Украина „бидејќи тоа би не направило многу ранливи“. „Во војна секоја опција носи ризик“, вели Норвежанецот.
Руските потези во насока на промена на нуклеарната доктрина претставуваат јасна порака до Западот дека Москва не ја гледа оваа ситуација само како регионален конфликт, туку како прашање на националната безбедност со глобални последици, и затоа САД не сакаат да и дадат дозвола на Украина да напад длабоко во руска територија со оружје како што се ракетите со долг дострел ATACMS.
Некои западни дипломати ја доведуваат во прашање ефикасноста на ваквите удари во промената на рамнотежата на војната. Столтенберг смета дека нема лесно решение за промена на линијата на фронтот, но дека нападите длабоко во руската територија сигурно ќе и помогнат на Украина да се избори со руската инвазија.