Свет

Ле Пен на суд: „Ќе одговорам на сите прашања“

Лидерката на француската екстремна десница Марин Ле Пен денеска се појави пред судот во Париз каде таа и другите француски десничарски националисти се обвинети дека примале средства за лажниот персонал на Европскиот парламент.

Заедно со долгогодишниот лидер на Националното собрание, Марин Ле Пен, меѓу 28-те обвинети за проневера на јавни пари е и нејзиниот татко и основач на партијата Жан-Мари Ле Пен. Марин Ле Пен секогаш ги негираше обвинувањата кои се однесуваат на времето од 2004 до 2016 година и кои се насочени против партијата Национално собрание и против поранешни избрани функционери и нивните помошници.

„Ние не прекршивме никакво политичко правило или правило на Европскиот парламент“, рече Ле Пен пред судот пред почетокот на официјалното судење. При читањето на обвинението таа најави дека „ќе одговори на сите прашања“.

Ним им се заканува затворска казна до 10 години

На обвинетите им се суди за евентуално измамно вработување на асистенти на неколку француски пратеници во Европскиот парламент. Според обвинителството, Ле Пен и нејзините колеги од партиите на Националниот фронт и Националното собрание користеле пари наменети за плаќање помошници на пратениците во Европскиот парламент за да им платат на луѓето кои извршувале работа за партијата во Франција.

Во случајот наводно станува збор за сума од речиси седум милиони евра. Ле Пен пред една година врати на Европскиот парламент 330.000 евра. Сепак, од нејзината партија истакнаа дека ова не е признавање на неправда. Аферата со години ги оптоварува Ле Пен и нејзината партија.

Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите се соочуваат со голема парична казна или до 10 години затвор. Исто така, доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите би можеле да добијат забрана за вршење јавна функција во рок од пет години, што би можело да ја спречи Ле Пен да се кандидира за претседател во 2027 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни