Свет

Шефот на дипломатијата на ЕУ се побуни против најавената израелска копнена операција во Либан

Шефот на дипломатијата на ЕУ се побуни против најавената израелска копнена операција во Либан

Европската унија соопшти дека мора да се избегне каква било нова воена интервенција во Либан, дека треба да се почитува меѓународното хуманитарно право и да се овозможи враќање на раселените лица.

„Повикувам да се почитува меѓународното хуманитарно право, да се замолчи оружјето и сите да го слушнат гласот на дипломатијата“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Од Мексико, каде што моментално престојува, Борел претседаваше со видео-конференција на министрите за надворешни работи на ЕУ, свикана поради ескалацијата на конфликтот во Либан.

„Мора да се гарантира суверенитетот и на Израел и на Либан и секоја воена интервенција драматично би ја влошила ситуацијата и затоа мора да се избегне“, рече Борел.

Борел рече дека ЕУ повикува на прекин на огнот меѓу проиранскиот Хезболах и Израел и ги повикува да ја спроведат резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и да дозволат враќање на раселените лица.

Минатата недела Израел ги засили своите напади врз Либан, а во тие напади беа убиени неколку членови на раководството на Хезболах. Десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови. Расте стравот од можна израелска копнена интервенција во Либан, каде што проиранскиот Хезболах има упориште. Израел во понеделникот го предупреди Иран дека ништо на Блискиот Исток не му е подалеку од дофат.

Борел рече дека клучна улога за стабилноста во Либан и во регионот имаат либанските вооружени сили, кои ЕУ ги помага и е подготвена да продолжи да ги поддржува.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни