Уставниот суд на среда ќе одржи седница на која ќе донесе конечна одлука во врска со предлогот за оценување на уставноста и законитоста на „балансерот“ — инструментот за вработување според национална припадност во државните институции.
На дневен ред на 27. седница, која е закажана за 9 октомври, се предвидени шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста, како и гласање по шест предлози за донесување на конечни одлуки и утврдување на пет нацрт-решенија.
На 18 септември, Уставниот суд расправаше за тоа дали обврската за наведение на припадноста на заедницата, која е потребна за пополнување на работните места, ги ограничува кандидатите за административни службеници во пристапот до работните позиции. Судот разгледа и дали формулирањето на обврската за кандидатите во пријавата за вработување да наведат и припадност на заедница, го нарушува принципот на стручност и компетентност, како и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
По неколкучасовна расправа, Судот одлучи да поведе постапка за оценување на одредбите од Законот за вработени во јавниот сектор (Член 19 став 1 алинеја 1 за „припадност на заедница“), Законот за административни службеници (Член 36 став 1 алинеја 1 за „припадност на заедница“), Правилникот за задолжителни елементи во јавниот оглас за вработување во јавниот сектор (член 2 став 1 алинеја 8, член 2 став 2 и 3, член 3 став 1 алинеја 1 за „припадност на заедница“), Правилникот за формата и содржината на регистарот на вработените во јавниот сектор (член 3 став 1 алинеја 8), како и Методологијата за планирање на вработувањата во јавниот сектор, согласно со принципот на соодветна и правична застапеност, како и формата, содржината и образецот на годишниот план за вработување и извештајот за реализацијата на годишниот план за вработување.