Иран ги осуди новите санкции на ЕУ и Велика Британија против Техеран и негираше дека испорачува балистички ракети на Русија, напиша портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Есмаил Багеи во објава на X во вторник.
Европската унија во понеделникот се согласи да воведе санкции за седум поединци и седум организации, вклучително и Иран Аир, поради нивната поврзаност со иранскиот пренос на ракети во Русија.
На листата се Саха Ерлајнс и Махан Ер, како и заменик-министерот за одбрана на Иран Сејед Хамзе Галандари.
Минатиот месец, САД, повикувајќи се на разузнавачки информации за кои рекоа дека биле споделени со сојузниците, рекоа дека Русија добила балистички ракети од Иран за војната во Украина.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи во вторникот негираше дека неговата земја и испорачувала балистички ракети на Русија.
– Некои европски земји и Обединетото Кралство за жал без докази тврдеа дека Иран воено интервенирал во овој конфликт, што беше целосно демантирано, рече Багеи говорејќи за руско-украинската војна.
Багеи ги осуди новите санкции, велејќи дека наметнувањето нови санкции од страна на Европската унија и Обединетото Кралство врз ирански поединци и ентитети е спротивно на меѓународното право.
Според оваа мерка на ЕУ, со санкциите се опфатени и истакнати функционери на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.
Санкциите вклучуваат замрзнување на имотот и забрани за патување во Европската унија.