Првата пратка бесплатни ученички униформи за средношколците во Скопје пристигна и денеска беше промовирана во средното училиште „Раде Јовчевски – Корчагин“. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека со ова започнува реализацијата на мерката со која униформи ќе добијат сите ученици од прва година во средните училишта под надлежност на Град Скопје.
Како што посочи Ѓорѓиевски, униформите се изработени од 100 проценти памук, а нивната цел е да се намали финансискиот товар врз семејствата и да се поттикне еднаквоста меѓу учениците.
„За мене, секое дете заслужува со крената глава да влезе во училницата. Да се чувствува прифатено, почитувано и еднакво. Ниту еден ученик не смее да чувствува помала вредност поради финансиските можности на своето семејство“, изјави градоначалникот.
Тој нагласи дека со воведувањето на бесплатните униформи се прави чекор кон создавање училишна средина во која облеката нема да биде причина за социјални разлики, потсмевање, дискриминација или булинг.
Ѓорѓиевски посочи дека мерката е дел од пошироките активности на Град Скопје насочени кон подобрување на условите во образованието и поддршка на младите.
Во таа насока, тој потсети дека досега биле опремени кабинети по информатика, обезбедени дидактички материјали, помагала, интерактивна технологија и смарт-табли, како и нови клупи и столчиња. Дополнително, Градот вложува и во спортски терени и фитнес-зони.
„Влогот во младите е влог во иднината. А иднината на Скопје ја градиме денес, со секое исполнето ветување“, порача Ѓорѓиевски.