Северна Кореја ја зголеми безбедноста на својот лидер Ким Џонг-Ун поради страв од можен обид за атентат, според јужнокорејското разузнавање.
Оваа оценка денеска ја даде Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја (НИС) за време на седницата на парламентарната комисија, според зборовите на јужнокорејските пратеници, пренесува агенцијата Јонхап.
НИС им кажа на парламентарците дека, поради можни обиди за атентат, Северна Кореја го подигнала нивото на безбедност во околината на Ким со користење возила за попречување на комуникациите и опремата за откривање беспилотни летала, бидејќи Ким оваа година се појавил во јавноста 110 пати, што е околу 60 отсто повеќе отколку во споредба со истиот период минатата година.
НИС, исто така, објави дека овој месец Пјонгјанг престанал да го користи календарот „Јуче“, кој се совпаѓа со Грегоријанскиот календар во сè, освен фактот дека за почетна година е земена 1912 година, годината на раѓање на основачот на земјата Ким Ил Сунг.
НИС укажува и на напорите насочени кон зајакнување на позицијата на Ким Џонг-Ун како единствен лидер на Северна Кореја.