Свет

Виктор Орбан му посака среќа на Трамп пред изборите

Виктор Орбан му посака среќа на Трамп пред изборите

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска во телефонски разговор му посака на Доналд Трамп среќа на претстојните претседателски избори во САД. Ова го објави Ројтерс, повикувајќи се на објавата на Орбан на социјалната платформа Х.

„Му посакав среќа следниот вторник. Останаа само уште пет дена. Прстите се вкрстени“, напиша во „Х“ унгарскиот премиер, кој е еден од најотворените поддржувачи на Трамп во Европа.

Од Вашингтон, Камала Харис го одржа својот завршен говор пред гласачите. Таа симболично го избра местото каде што беше Доналд Трамп на 6 јануари 2021 година, непосредно пред неговите поддржувачи да упаднат во Капитол.

Од бината кандидатот на Демократската партија го дефинираше 5 ноември како „избор меѓу слобода и хаос“.

А Доналд Трамп се обидува да освои гласови во клучната држава Пенсилванија, каде што латино гласачите би можеле да играат важна улога во изборот на следниот претседател.

Трамп се огради од зборовите на комичарот Тони Хинчклиф дека Порторико е „пловечки остров на ѓубре“.

„Никој не ја сака шпанската и порториканската заедница повеќе од мене. Никој. Интересно е затоа што направив повеќе за Порторико отколку кој било друг претседател досега“, рече Трамп.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни