Свет

Илјадници протестираа во Лондон против загадувањето на реките

Илјадници протестираа во Лондон против загадувањето на реките

Илјадници луѓе излегоа вчера во Лондон на протест барајќи да се исчистат реките во Британија затнати со отпадни води, јави Асошиејтед прес.

Организаторите рекоа дека околу 15.000 луѓе се приклучија на маршот за чиста вода по бреговите на реката Темза до домовите на Парламентот, организиран од групи како Гринпис, Пријатели на Земјата и Британското веслачко здружение.

Загадувањето на водата стана сè поактуелно прашање во Британија, привлекувајќи внимание на климатските промени и последиците од приватизацијата на британското водоснабдување пред неколку децении.

Приватните компании кои обезбедуваат вода за пиење и третираат отпадни води не успеваат да ја одржат инфраструктурата, која често датира од времето на кралицата Викторија (1837 – 1901 година). Истекувањето е вообичаено, а при обилни дождови, компаниите често фрлаат непречистена отпадна вода во реките, езерата и морето.

Веслачот Имоген Грант, кој освои златен медал на овогодинешните Олимписки игри во Париз, рече дека веслачите често се разболуваат по тренингот на Темза.

„Поминувам часови во вода, тренирам секој ден во чамецот, постојано гледајќи пелени, пластични кеси и друго ѓубре како лебдат наоколу. Нешто мора да се промени“, рече таа.

Водоводните претпријатија велат дека регулаторите ги спречуваат да ги зголемат сметките за вода доволно за да ја подобрат инфраструктурата.

Лабуристичката влада избрана ова лето воведе предлог-закон за зајакнување на регулативите и наметнување построги казни за компаниите одговорни за загадувањето. Сепак, според демонстрантите, треба да се направи повеќе.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни