Денеска во 11 часот и 30 минути прес конференција пред Јавното обвинителство ќе одржи сега суспендираниот обвинител Мустафа Хајрулахи.
Вишиот јавен обвинител во Скопје, Мустафа Хајрулахи, е суспендиран од функцијата. Тој за МТВ изјави дека ова е само уште еден обид на државниот обвинител Љупчо Коцевски да изврши притисок врз него и обвинителот Цветановски во врска со истрагата за бонусите во Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Хајрулахи беше информиран за истрагата против него од неговиот заменик, кој му објаснил дека е поднесена пријава за мобинг.
Хајрулахи верува дека суспензијата е последица на неговото јавно обраќање за протекувањето документи од Републичкото обвинителство, и дека се работи за освета поради тоа. „Притисокот што го врши обвинителот Коцевски се должи на обвинувањата дека неговата ќерка изнела документи од Јавното обвинителство со цел да ја оцрни мојата работа,“ изјави Хајрулахи.
Од Кабинетот на Коцевски потврдуваат дека е отворена истрага против Хајрулахи, која се однесува на злоупотреба на службена положба и малтретирање на работно место. Кривичната пријава беше поднесена од група вработени во Вишото јавно обвинителство во Скопје и пренесена на Основното јавно обвинителство во Штип, кое презема истражни дејства. Податоците добиени од истрагата на штипското обвинителство покажуваат сомнежи за злоупотреба на службената положба.
Хајрулахи најави жалба до Советот на јавните обвинители поради неговата суспензија.
Минатиот месец, Хајрулахи поднесе тужба за клевета против неколкумина вработени во обвинителството, кои, според него, наводно поднеле лажни изјави дека се подложени на мобинг, по инструкција на друг обвинител.