Собранието по скратена постапка ги усвои измените на Деловникот со кој се усогласува со одредбите на Законот за употреба на јазиците а предлогот на измените доаѓа од претседателот на Собранието Талат Џафери. Според него измените придонесуваат за регулирање на целосна примена на Законот за употреба на јазиците, како и на промената на името на државата. За овој закон гласаа пратениците од владејачкото мнозинство, а опозицијата пред гласањето ја напушти салата.
-Вкупно гласаа 63 пратеници, сите 63 пратеници гласаа „за“ воздржани нема против нема. Констатирам дека Собранието го донесе Деловникот за изменување и дополнување на Деловникот на Собранието на Република Македонија-истакна Џафери.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се против донесувањето на овие измени без да се усогласат и другите измените што се во тек на преговори со процесот „Жан Моне“ . За ова уште во текот на вчерашниот дел од седницата реагираше координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, според кого со носење по скратена постапка не се почитува процедурата и не е во согласност со процесот „Жан Моне“, во кој, како што истакна политичките партии консензуално се договараат за промените на Деловникот.
-Зошто не оставивте за овие работи да се усогласат и пратеничките групи заедно со донесувањето на целиот Деловник го направат тоа консензуално еднаш на задоволство на сите политички партии и сите пратеници во Собранието. Меѓутоа вие исто како и за законот за јазици на кој што ВМРО-ДПМНЕ поднесе 35 363 амандмани ја игнориравте волјата на пратениците-изјави Мицевски.
Џафери одговори дека Законот за употреба на јазиците е донесен во март 2018 година и дека со измените само се усогласуваат подзаконските акти на Собранието. Со измените се предвидува и промени на печатот на Собранието на кој ќе стои и новото име на државата и ќе биде двојазичен .
РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА