Македонија

Случај „Рашковски: Новинарот повикан во полиција, Антикорупциска ги разгледува фактите

“Наместо институциите да следат криминал и корупција, МВР ги следи тие кои го откриваат криминалот“, вели новинарот Љупчо Златев кој денеска беше повикан на информативен разговор во МВР. Тој на неговиот портал објави видео снимка на која се слуша Драги Рашковски како разговара за еден тендер за набавка на радарски систем, и за тоа беше принуден да полага сметка во полиција.

Љупчо Златев рече дека во текот на разговорот, полициски службеник му рекол дека тие веќе знаат кој е изворот на аудио снимките.Во меѓувреме реагираше и ЗНМ. Од таму велат дека заштитата на изворот на информацијата е право гарантирано со закон и европски стандарди. Во нивното соопштение се истакнува дека таквата пракса може да се смета како притисок врз новинарите нешто што може да доведе до самоцензура.

“ЗНМ потсетува дека Уставот на РСМ во членот 16 го гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање и ова право е загарантирано во Законот за медиуми како и во Европската повелба за заштита на човековите права.”, велат од ЗНМ.

Од друга страна Антикорупциска комисија, ја комплетираше документацијата за случајот Рашковски и тендерот на радари на М-НАВ.Антикорупциска, заради јавен интерес, на своја иницијатива започна постапка за да истражи дали навистина постои основа за местење на тендерот.

Комисијата има рок од 60 дена да го истражи овој случај, не исклучувајќи ја можноста за барање дополнителни документи доколку е тоа потребно. Заради тоа, постапката може да потрае и подолго.

РЕПОРТЕР: ВАЉМИРА ЗЕНДЕЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни